Од денес, 15 октомври, започна грејната сезона 2024/2025 г. за потрошувачите што се приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, управуван од АД ЕСМ.
Испораката на топлинска енергија до потрошувачите ќе се врши во периодот од 6 ч до 22 часот, следејќи строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските услови и надворешните температури.
Според овие правила, во октомври и првата половина од ноември, кога временските услови се променливи, снабдувањето со топлинска енергија ќе зависи од температурата на воздухот и атмосферските услови во различни периоди од денот. При тоа, доколку надворешните температури се пониски се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, така што корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно со стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20 односно 21 степен Целзиусов.
Во исто време, со овие правила и дијаграми на испорака се обезбедува оптимална потрошувачка на топлинска енергија и минимални можни трошоци за греење на корисниците. При точно дефинирани одредени атмосферски услови кога надворешните дневни температури ќе достигнат одредени гранични вредности, се врши прекин на испораката на топлинската енергија, односно системот за централното греење се исклучува, а веднаш по намалувањето на надворешните температури под определените вредности по направениот дневен прекин на испорака на топлинска енергија, кога надворешните дневни температури ќе се под одредени гранични вредности се стартува со испорака на топлинска енергија, т.е. централното греење повторно се вклучува.