ЕСМ Дистрибуција на топлина ДООЕЛ – Скопје го започна проектот за реконструкција на секундарниот топловод Б2.070, на делницата од Ш160 до Ш210. Лоциран на ул. Есперанто во Скопје, топловодот има дијаметар DN 350 и должина од 432 метри.
Реконструкцијата се спроведува со цел да се зголеми надежноста на топлинската мрежа и да се обезбеди стабилно и квалитетно снабдување со топлинска енергија. На делницата е утврдено целосно отсуство на термичка изолација, што доведува до значителни топлински загуби. Дополнително, на почетокот на грејната сезона се појавија два големи дефекти, што укажа на потребата од итна интервенција и целосна замена на постојниот вод.
Со реализацијата на овој проект ќе се подобри енергетската ефикасност, ќе се намалат загубите на топлина и ќе се зголеми безбедноста и сигурноста на системот за дистрибуција на топлина во овој дел од градот.
ЕСМ Дистрибуција на топлина ДООЕЛ – Скопје продолжува со инвестиции во модернизација и одржување на топлинската инфраструктура, со цел обезбедување на сигурно, ефикасно и еколошки одговорно снабдување со топлинска енергија за граѓаните на Скопје.



